Сите ликови што гледаат ЕП во ракомет

Денеска, 16-ти Јануари, Македонија го игра првиот натпревар на европското првенство во ракомет. Сите ние ќе навиваме за нашите ракометари и ќе се надеваме на најдобри можни резултати.

Но кои се сите ликови што гледаат ЕП во ракомет? Направивме детална анализа и дојдовме до овие резултати!

Генијалецот – Овој човек е генијалец. Има мислење за се! И не само тоа! Неговите мислења се навистина точни (според него)
До пред пар месеци беше генијалец за загадување, пред тоа беше генијалец за Иран и Венецуела, пред тоа генијалец за ситуацијата во Украина, пред тоа беше генијалец за КОВИД-19, пред тоа имаше став за економската криза во северно-јужна Тунгузија, а сега е генијален експерт и за ракомет. Не вреди да се дебатира со него. Он знае се.

Последен пат гледал ракомет: Пред година дена кога исто така беше експерт за ракомет. Од тогаш нема поим што се дешава. Ги гледа само нашите и мисли дека Лудовик Фабрегас е менаџерот на ФК Комо

Женска што сака лајкови – Секогаш постира нешто што би и собрало најмногу лајкови. Слика со кученце, слика со елка, слика со плишано мече…
Нормално, сега ќе постира слика со дрес од Македонија. Ќе собере илјада лајкови и стотици коментари од типот на “Add me blok sum”, “Boo lepoticeeee booo”, “Auuuu prava makedonka ubavica makedonsko devojce kitka sarena”

Последен пат гледала ракомет: На ова прашање одговара “Да ми текне само… ааа да!!! Ми текна! Гледав тогаш ракомет кога беше тој Бошко Мекејлебовски или како и да се викаше…да, да, добри се овие ракометарите, тој е добар, а и оној Перо Антички исто добар беше мислам, јаки цепелини им пикна…ваљда пикер е штом им пикнал… шо знам…”

Админи на фејсбук страни – Со душа го чекаат овој период. Можат да постираат било каква глупост и ќе им собере стотици лајкови. Пишуваат статуси од типот на “MESARA BAMBI PRODAVA MESO OD ELENI. CENA POVOLNA. KLIKNI LAJK AKO GLEDAS RAKOMET, SAKAS DA JADES MESO ILI SAKAS DA JADES MESO DODEKA GLEDAS RAKOMET! ZA MAKEDONIJA!!!”

Последен пат гледале ракомет: Никогаш.

Патриоти – Немаат поим кој е Гонзало Перес де Варгас. Немаат поим кој е Дика Мем. Немаат поим кој е светски шампион во ракомет. Немаат никакво познавање од ракомет, ама апсолутно секогаш се активираат и стануваат #1 фанови за време на секое големо првенство. За нив се освен титула е неуспех. Ако некој пише “Па види, Данска е јака, нема ние тука да бараме поени, нашата шанса ќе се бара против Португалија и Романија” тие ќе пишат “A STO DANCITE POARNI DA NE SE??? ZASTO GI MRAZITE NASITE MOMCI MAKEDONCI TIE SE CHEDA ALEKSANDROVI MOZHAT SO SEKOGO!!! DANJACITE SE ISTO KO NAS OD KRV I MESO I NA NIV SAKAAT GRENLAND DA IM GO ZEMAT KO STO NAS SAKAAT SOLUN DA NI GO ZEMAT, SME IGRALE SO NIV GI ZNAEME NIE MNOGU DOBRO IMA DA GI POBEDIME 20 RAZLIKA MOZAT NASHITE SAMO OPTIMIZAM I VERBA VO MAKEDONIJA!!!!

Последен пат гледале ракомет: Минатото првенство

П.С.  Ок, сега озбилно… НАПРЕД НАШИ!!! Што и да се случи навиваме за вас и се надеваме на победи проследени со неколку лажни цепелини!