И во музеј од дома

Повеќе од 400 артефакти од некрополата во Требениште, Охрид, заедно со прочуените златни маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Македонија, неколку месеци беа изложени на големата заедничка изложба во Археолошкиот музеј во Скопје. Изложбата се организираше во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата во 1918 година.

Доколку не успеавте да ја посетите оваа најекслузивна интернационална изложба на овие простори, сега, како и повеќето музеи ширум светот што во моментот се затворени поради пандемијата на коронавирусот, и Археолошкиот музеј нуди виртуелната посета.

Уживајте во мистиката и убавината на наодите од оваа позната некропола, порачуваат од Археолошкиот музеј.

Изложбата погледнете ја тука.

Некрополата Требеништа, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид, била случајно откриена во 1918, при копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија каде и денес се наоѓаат. Истото се случува и со следните наоди од истражувањата во 1932 и 1934 кои ги извел Народниот Музеј од Белград каде и денес се наоѓаат.

Меѓу бројните луксузни предмети се и прочуените четири златни маски, од кои денес две се изложени во Националниот институт и Музеј при Бугарската академија на науките во Софија и две во Народниот музеј во Белград. Наодите датираат од 6 век пред. н. е.

Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така ќе бидат дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.