Интервју со Пере од „Нокаут“: Игор Џамбазов ме научи да дишам длабоко

Последниве месеци, Охрид е местото каде што поминува најмногу време, за како што вели да ужива во малку молчење во пар. Фронтменот на „Нокаут“, Никола Перевски-Пере со радост го очекува концертот на бендот во четврток, на 13 август, на Античкиот театар, што го организира „Прагма продукција“. Пере има многу анегдоти од неговото живеењето во Барселона, и анегдоти за фановите кои песните на „Нокаут“ често ги бираат за јавни запросувања. Со гордост зборува за своите ќерки, за пријателот Игор Џамбазов и ја најавува автобиографската книга „Би се викал Нокаут“.   

1на1 -Како ти лично и бендот ги доживувате концертите во „новото нормално“, гледајќи публика со маски околу вас?   

Пере- Најважниот момент на концертите е интеракцијата со публиката. Следењето на нивните емоции, реакции… Со маските за лице тоа е речиси невозможно. Насмевките на нивните лица се нашата најголема мотивација, показател дека сме допреле до нив. Навистина е чудно. Необично. Но, нивната безбедност е наш приоритет. Не смееме и нема да дозволиме да го загрозиме нивното здравје. Затоа секогаш ќе се придржуваме до препораките и протоколите на Министерството за здравство. Сепак, за животот се работи. А музиката не смее да престане.    

1на1-До пред извесно време живееше на релација Скопје – Барселона. Што те натера да се одлучиш Скопје повторно да биде твојата  единствена адреса, што те врати тука кога многумина си заминуваат?

Пере- Во Барселона првично заминав за да се надоградам професионално, односно да ги слушам студиите на САЕ Институтот, каде што и дипломирав. Но, попатно се вљубив во градот, впрочем кој и не би се вљубил во тој совршен микс од архитектура, храна, море, хедонизам. Барселона секогаш ќе остане моја љубов. Времето поминато таму ми помогна да се рестартирам. Да се истражам себеси внатрешно. Да донесам некои многу важни животни одлуки. Сепак срцето ми е во Македонија. Тука се моите ќерки, кои премногу ми недостигаа, моите родители, пријатели, бендот, публиката, љубовта.     

1на1 – Раскажи ни некоја интересна ангедота- приказна од твојот живот во Шпанија.

Пере- Од самото мое пристигнување во Барcелона, во куќата во која што бев сместен па сè до последниот ден од моите студии,имам безброј анегдоти,ситуации,манифеатации со кои се справував и соочував. Засега не чувствувам момент за да раскажам било што од Барcелона,тоа ќе оставам на читателот да гo  прочита во мојата автобиогравска книга со наслов “Би се викал Нокаут” која треба да се појави во јавноста набргу…

1на1- Во последно време си повеќе во Охрид од Скопје, како ти изгледа секојдневието во ова време на пандемијата?

Пере- Каде и да заминеш на планетава, не можеш да побегнеш од пандемичната реалност. Сепак Охрид ми дава некое чувство на смиреност, утеха, верба дека сè ќе биде во ред. Секој ден ми почнува со утринска прошетка. Дури и на дожд, кој не престана да врне минатата недела. Појадок покрај езеро. Малку муабет, малку молчење во пар. 
Деновиве не ми се толку релаксирани, затоа што се подготвуваме за концертот на Антички театар, кој за жал моравме да го одложиме за 13 август, заради лошите временски услови. Обврските се тие, но малку отежнати заради целата ситуација. Се бориме, се трудиме да се прилагодиме на новото нормално.     

1на1- Која е најљубовната песна на Нокаут, си добил ли порака, од некој фан дека на некоја ваша песна нешто значајно се случило, и дали си бил сведок на таква ситуација?

Пере- Редовно добиваме пораки од наши фанови со преубави љубовни приказни. Некогаш поврзани со конкретна песна, некогаш со некој наш настап… Постојат две приказни кои ми се посебно драги и кои секогаш ќе ги паметам. Едната е поврзана со едно “неуспешно” запросување на наш концерт, кога еден дечко од публиката нè замоли да се качи на сцена и да ја запроси девојка му. Три пати го повтори прашањето, ниту одговор ниту девојка имаше. Срцето ми препукна кога го видов како тажен се симнува од сцената. Но, подоцна дознавме дека девојката всушност баш во тој момент излегла надвор на воздух и го пропушти можеби најважниот момент од нејзиниот живот. Пред неколку години го побаравме дечкото, стапивме во контакт сакајќи да го поканиме на еден од нашите концерти. Ни се заблагодари, ни кажа дека е среќно оженет и со мало бебенце. Се надевам дека сè уште се заедно и среќни. 

А, другата приказна е поврзана со еден друг пар, кој славеше 1 година од врската на нашиот концерт во Борис Трајковски во 2015 година. Дечкото нè замоли некако, на било кој начин да ја одбележиме годишнината и да ја изненадиме девојката. Тоа ни даде идеја на видео бимот да проектираме пораки од фанови кои ни се обратиле во инбокс со слични барања. Годишнината беше одбележана со порака на бимот, а дечкото ни пиша минатата година, за да ни каже дека веќе 5 години се заедно и редовно доаѓаат на нашите концерти. Се надевам дека Иван е сè уште вљубен и среќен.

1на1- Како се твоите ќерки, Михаела и Каја? За Михаела знаеме дека е дел од вашиот бенд како придружен вокал, за што е талентирана Каја?

Пере- Миа и Каја растат со брзина на светлината. Пораснаа во две прекрасни девојки со свои вкусови, ставови и светови. Исти, но многу различни. Сепак со истата љубов кон музиката. Миа веќе со години ме придружува како придружен вокал, но и самостојно работи на своја музика, што особено ме прави среќен. Каја има извонреден талент, но некако посрамежливо го покажува тоа. Нејзиниот глас можете да го чуете во неколку од песните кои ги снимив за “Дајте музика”. 
Секој слободен момент се трудам да го поминам со нив. Да ги научам и да научам нешто од нив. Да им покажам дека тие се мојата најголема животна љубов, за која сум спремен да жртвувам сè.   

1на1- Игор Џамбазов ти е еден од најдблиските пријатели, која е најкорисната и најзабавната работа што си ја научил од него? 

– Од маестро Џамбазов имам научено дека без оглед на тоа колку и да е тешка ситуацијата, секогаш треба да дишам длабоко. Да не дозволам ситуацијата да преoвлада со мене, туку јас да управувам со неа. Тој е човек кој поминал низ сешто во животот, и од него навистина може да се научи многу. Но, пред сè може многу да се научи за музиката.   

1на1- Што ветувате за охридскиот концерт во четврток на Антички?

Пере- Ветуваме ноќ на емоции и љубов под отворено небо, на најмагичната сцена во Македонија. Еве ексклузивно за вас откривам дека наш специјален гостин вечерта ќе биде легендата на македонската рок музика, Венко Серафимов. Тоа ќе биде наш прв заеднички настап и со душа чекам да ми се придружи на сцената. 

Но, ветувам и максимално придржување до сите мерки за заштита од COVID-19, како безбедна дистанца на публиката, задолжително носење маски за лице и средства за дезинфекција на рацете на влезот.

Знам дека НОКАУТ ја има најубавата и најпримерна публика и верувам дека сите заедно ќе придонесеме концертот на Антички по многу нешта да биде концерт на највисоко ниво. Физички дистанцирани, но емотивно поблиски од кога и да е!  

Милица Џаровска