Нова епизода на „Фчерашни новости“ – еве што ќе гледате утре

Тим од машински факултет го најде одговорот за моменталната политичка криза во Македонија, паника во земјава по одлуката за повлекување на банкнотата од 500 евра, нови анализи од нашиот економски експерт.

Веќе ви е јасно што може последни да дознаете од „Фчерашни новости“. Новата, четврта по ред епизода на најосвежувачкото нешто во последниве години на телевизија, барем според вашите коментари, ќе биде емитувана во редовниот термин, недела 19.10 часот на телевизија Телма.

Чичко Симе Временски ќе си ја каже временската, а Спиро прогнозата на Универзумот. Ваше е само да не гледате.

Дотогаш, потсетете се на скечевите од претходните епизоди на официјалниот канал на „Фчерашни новости“ на „Јутјуб“ а ѕирнете и што се случува зад сцената на  „Фејсбук“ и на „Инстаграм“.

„Фчерашни новости“ е хумористично-сатирична емисија, на која работи креативен тим предводен од Бранко Огњановски, најпознат како Миле Паника од „К-15“. Во секоја епизода во околу 30 минути, преку призмата на хуморот и сатирата, се обработуваат актуелни теми од секојдневниот живот.

„Фчерашни новости“ премиерно се прикажува секоја недела на „Телма“, а се емитува и на 24 регионални и локални телевизиски станици.