АКО ИМАШ ОДЕЛО, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЗНАЕШ КАКО ДА ЈАДЕШ

Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.

Денеска – АКО ИМАШ ОДЕЛО, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЗНАЕШ КАКО ДА ЈАДЕШ

***

Можеби звучи неверојатно глупаво, но сум бил сведок на многумина кои не знаат како да јадат. Не зборувам за луѓе што немаат познавања за тоа како се користи нож и вилушка (замисли да бидеш колега со такви!?!), туку нешто многу поразлично. Ако храната служи како наше гориво, постои ли начин истото да го точиме погрешно? И тоа како!

Еве 4 едноставни правила за добар ручек за време на работно време

Претходно навистина се трудев да работам до граница на можностите. Да давам се од себе и да немам ни минута пауза од работењето. Снимаме реклама за некој клиент, има милион работи да се завршат, мораш да подработуваш и додека јадеш. Шеташ со сендвичот во рака, даваш забелешки за светлото, гледаш фотографии од фото-сесијата во соседното студио, прегледуваш локации за утрешното екстериерно снимање. Аууу, заблуда од епски размери… Јас сум бил далеку од 100% ефикасност и ефективност! Не само што со тоа драстично си ја намалував продуктивноста, туку истото неверојатно многу ми ја намалуваше концентрацијата за остатокот од денот. Немаш ни момент вистински одмор и едноставно енергијата ти гори како жижица за нова година, а воедно не се фокусираш на храната и паузата, туку имаш дистракции од сите страни што само го удвојува стресот, напнатоста и нејасното размислување потоа.

Правило бр.1 – На пауза за ручек, тргни се настрана од работното место. Оди во ресторан, бистро, се што е настрана од работата!

Правило бр.2 – Фокусирај се на јадењето и одморот, не чепкај телефони, меилови и не гледај во таблетот. Само преку вистински одмор можеш да складираш концентрација за остатокот од денот.

Пласебо или не, немам поим, јас почнав да го практикувам следново – ДА за благо ама еве што…
Пица, салата, некој сендвич, отприлика нешто од тоа ми бил ручекот пред да се вратам на работа (пример, пауза за ручек помеѓу две снимања на епизоди од Еден на Еден). Познавам многу доктори (мајка ми и вујко ми меѓу овие што најдобро ги познавам/ме познаваат) и не ми е страно тоа да читнам нешто од област на медицина. Таму вели вака – јаглехидратите со гаранција ќе те паднат, но малку темно чоколадо 100% ќе ти помогне во концентрацијата. Така што, наместо компирчиња како десерт, почнав да земам по некоја коцка темно чоколадо. Пласебо или не, немам поим, не ми е лошо!

Правило бр.3 – Ако си љубител на благо, задоволи се со малку темно чоколадо.

Една од активностите кои најмногу ми има помогнато за тоа да давам максимум од себе во работата, освен медитирањето е и пешачењето, кое и самото е еден вид одмор. Слушалките на уши, најновата емисија од “шоуто на Хауард Стерн” и во следните час и кусур си го фаќам патот под нозе. Неверојатно е колку многу се чуствувам подобро, пофокусирано и поенергично во денови кога ова го практикувам наспроти останатите. Токму затоа, секогаш кога имам можност гледам да одвојам макар и 20ина минути пешачење пред да се вратам на работата. Да не ни зборувам дека мала вежба е круцијална за стимулирање на ефикасна мисла и ослободување од стрес (и ова ми е од медицинската литература, де).

Правило бр.4 – Одвој малку време за пешачење. Не се враќај веднаш на работа после ручекот!

Жаре

***

Прочитај ја првата колумна од летната школа (КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌ) ТУКА

Прочитај ја втората колумна од летната школа (7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКО) ТУКА

Прочитај ја третата колумна од летната школа (ШТО ИМ ТРЕБААТ ВАКВИ ГЛУПОСТИ НА ГУГЛ И МАРИНЦИТЕ?) ТУКА