Ангедоти, музика, карантин и скара: Сезона 11 во една приказна

Јако ја почнавме оваа #Сезона11. Со Перо Антиќ и неговите ѕвездени приказни од НБА. Раперите Раста, Таско, Римски и Корона (овој последниот што прекар има) го преполнија нашето студио со фанови.

Перо Антиќ ја отвори Сезона 11

Боемска атмосфера ни направија Александар Митевски и Дац, а приказните на Амди Бајрам уште се коментираат. Ги имаше во три емисии да се соберат, не една. Во екот на најголемата популарност, дојдоа актерите од „Врба“. Без Милчо Манчевски, должен ни е за во Сезона 12. Па уште една тура глумци пречекавме, од „Фамилија Марковски“.

После следеше познатото сценарио кое се повторува кога Лозано ни е на гости. Тој пее, обожавателките се топат, па уште еден саат сликање после снимање. Лозано беше расположен и опуштен за мерак. Највеселата емисија со највеселите гости беше со малите, а големи глумци од „Дајте музика“ и „Гласна куќа“. Играта „Погоди го шишето“ што Жаре ја изигра со Дејан Лилиќ и со Баже Веселинов е една од најјаките во сите сезони до сега, а и  приказните им беа топ! Новогодишна емисија решивме да снимиме со еден гостин што „никогаш до сега не дошол во Еден на Еден“. Го молевме и го намоливме. 2019 ја испративме со Игор Џамбазов.

Новогодишната емисија со Игор Џамбазов

2020 година ни почна со една рокенрол легендата Ален Исламовиќ! По него, Христијан Мицкоски се покажа како добар играч во мал фудбал и успеа до го победи Жаре. И конечно една дама за промена. Данијела Мартиновиќ ни го наполни студиото со позитивна енергија. Следеа две мераклиски емисии во кои Наум Петрески пееше песна од Миле Кузмановски, а Миле Кузмановски од Наум Петрески.

„Миле мириса пред него“, играта што Жаре и екипата му ја смислија на Миле Кузмановски

Шоу какво што само тие знаат направија глумците Тино и Атанас, а во истата емисија го имавме шампионот Борче Стаменов кој донира компјутери и босанскиот пејач Божо Вреќо. По нив, на гости ни дојде Зоран Заев, а бендот на Гуру Харе му ја погоди омилената народна песна.

Емисијата што следеше беше вистински ексклузивитет. Право од Холивид, креаторите на „Медена земја“ долетаа во нашето студио, а во истата епизода имавме снимено интервју од Белград со Новак Ѓоковиќ. Неверојатни приказни од целиот свет раскажа најдобрата ракометна судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Истата епизода ја разубаве Антониа Гиговска. За да провериме дали Данијела Мартиновиќ ја кажува вистината за него, го викнавме и Петар Грашо.

Тамара Котевска и Фејми Даут од „Медена земја“ дојдоа во Еден на Еден неколку часа откако слетаа од Холивуд

И, толку од снимањата во студио и од блиските контакти со гостите. Таман кога второто полувреме од #Сезона11 ни тргна на најјако, ни се случи пандемијата со вирусот Ковид 19. Од серијата карантински емисии дознавме од која фотелја по дома Жаре ги гледа омилените серии. Екипата на Еден на Еден се пресели кај него, и ја снимивме „Седи си дома“ со одлична екипа: Влатко Стефановски, Симон Трпчески, Тамара Тодевска, Елена Ристеска, Жељко Самарџиќ од Белград и Јован Јованов од Канада. Во „Седи си дома 2“ веќе имавме еминетни доктори кои зборуваа за нивните искуства и за нивните прогнози за коронавирусот.

Продолживме да ги почитуваме препораките и останавме дома и во „Седи дома квиз“, каде што Викторија Лоба ги победи Сашко Коцев, Атанас и Тино. Последна епизода што Жаре ја сними во папучи е „Седи си дома талент шоу“. Таму пак Весна Бејби тепаше во пеење. Судиите Дарко Панчев и Ѓорѓи Начевски оценија дека е подобра пејачка од Влатко Лозано, Панчо и Андреј од ДНК и Сара Мејс.

Карантинот затера и до Први мај, а греота беше да не ја испочитуваме традицијата. Кај бива Први мај без скара? Затоа Гораст Цветковски дојде во „Еден на Еден Скараџиска“, кај нас во двор, на работа, додека Жаре вртеше бургери на скара. Бубо Каров го вклучивме од неговиот дом, и ни покажа дека маска може да се направи и од најинтимниот дел од облеката.

Гораст Цветковски во Еден на Еден – Скараџиска

Битолските финти и анегдотите од целиот свет ни ги донесе Маријан Ѓорѓиевски, емисија што ја снимивме пред пандемијата во студио, а ја пуштивме во време кога на сите ни требаше смеење и ведри мисли. Иако со набиена агенда периодов, министерот Венко Филипче се согласи да дојде во Еден на Еден. Снимавме пак во двор, на препорачана дистанца, и го запознавме од поинаква страна, различна од онаа на прес конференциите.

Со Васил Тупурковски снимивме две епизоди, за рокерската младост и за времето на Тито едната, а приказните од деведесетите ги оставивме за втората.

За крај, отидовме на море. Поточно, екипата се сеќаваше како си помина на море, во „Едрење-специјал“, епизодата што ја сниимија во октомври лани на пловење низ Спорадите, а ја чувавме како за финале на #Сезона11.

За Сезона 12 што следи од есен, посакуваме прво сите да сме здрави. Така ќе можеме да ѝ се вратиме на старата динамимика: Студио, бенд, гости, Ѓоко како ги нуди гостите со пиво, аплаузи, смеење. Тоа ви го должиме на вас, нашата супер публика.

Летово, пак ќе се дружиме на Фејсбук, на Инстаграм, и со по некој ред тука. Имајте убаво лето и чувајте се.

(М.Џ.)