Батали Фејсбукот и користи си само меил

До кај дојде Фејсбуков, еј! Секој има. Дури и баба ми. BieberLover85 и е профилот. И да, 85ката е за тоа колку години има…

Сите имаат профил! Ама има и доста што не знаат како со нив.

internetgrandma545_320x245-055305

Како оние со децата. Што ви е?! Јасно, горди сте дека имате дете. Авантура од невидени размери. Никој пред вас немал. Демек први сте, па ај цел свет не може да му се изнагледа. Детален приказ на секоја еволутивна фаза од ембрион до полнолетство. Иако, таквото “фалење” со новороденчето си има длабоки корени во историјата како кај луѓето, така и кај животните. Сетете се како мајмунот од Lion King го креваше Симба пред насобраниот народ, овај насобраното стадо… Туку, ако се навраќате од почеток, не тргнувајте од ЕХО-то од малото. Ставете фотка или видео како сте го правеле, Бог да чува! Замисли во наше време, мајка ми и татко ми да оделе од врата до врата кај сите пријатели со слики од мене и да им ги покажувале, а овие сироти да им викаат „Ми се допаѓа!“, „Ми се допаѓа!“

Или пак – карачи. Луѓе што едвај чекаат некој да пише нешто за да коментираат и контрираат. Работите ли вие нешто? Не е можно да имате работно место со кое цел ден можете да коментирате на секоја можна тема на планетава. Ако имате, тогаш работодавецот или ви дава премногу пари за да му трошите време на интернет или ве плаќа премалку за човек со толкаво познавање на сё живо и диво на планетава.

Затоа пријателе, батали Фејсбукот и користи си само меил – така вика Џамбазов. Токму Игор ни доаѓа на гости во следната Еден на Еден. Оваа сабота, 13 декември во 21.30 часот на Алфа. Се гледаме!