Невозможно е да се предвиди иднината на телевизијата

Откога знаеме за себе и откога имаме разбирање за содржините што ги гледаме на телевизија, Би-би-си отсекогаш бил синоним за квалитет. Неговите програми ни даваа образование, нѐ насмејуваа со врвен хумор, ни носеа невидени документарни филмови и квалитетна драмска програма.

По повод одржувањето на конференцијата New Europe Market која е посветена на трендовите од областа на телевизијата, поразговаравме со Салим Мукадам, генералниот менаџер и потпретседател за Средна и Источна Европа од BBC Worldwide. NEM се одржува од 12.6. до 15.6. во Дубровник, а Мукадам ќе настапи на панелот „Не можете да ме запрете: моќта на ТВ-каналите“. Во фокусот на расправата ќе биде постојната понуда на ТВ-канали, како и подготвеноста на публиката да прифати нови канали. Со генералниот менаџер на Би-би-си за овој дел од Европа поразговаравме за посебностите на Средна и Источна Европа, за предизвиците што ги носи времето, но и за трендовите што нѐ чекаат во иднина на телевизијата.

  1. BBC Worldwide има долга традиција како еден од најголемите создавачи на мислење во телевизиската историја. Можете ли да ни кажете каде лежи тајната за постојаното правење одлична програма?

Тајната за нашиот успех е едноставна: ја цениме нашата публика, како и луѓето што ја создаваат содржината. Гледаме публиката да биде во срцето на сѐ што правиме, постојано слушајќи ги и прилагодувајќи се кон нејзините потреби. Со ова како основа, потоа работиме со најдобрите таленти пред и зад екраните за на публиката да ѝ донесеме брилијантни и уникатни приказни што ќе ги освојат фантазијата и срцата на гледачите, по што постојано ќе ни се враќаат.

  1. Како се менуваше вашата стратегија за содржини во Би-би-си со текот на годините? Можете ли да ни ја кажете разликата помеѓу денешните гледачи и оние од пред 15 или 20 години? Дали современата публика има поголеми очекувања кога се работи за содржината?

Барањата од нашите клиенти и од публиката се останати исти сега како и пред 15 или 20 години. На крајот на краиштата, публиката сака да гледа и да ужива во брилијантна содржина. Се има променето само начинот на којшто гледачите добиваат пристап до содржината, без разлика дали е тоа преку pay-TVили free-to-air linear, VOD, SVOD, TVOD, OTT или кој било од многуте други начини на кои публиката сега сака да има интеракција со содржината. Тоа зголемување во достапноста поттикнува зголемена побарувачка, па тоа е предизвикот со којшто се соочува BBC Worldwide денес – да обезбеди доволно од најдобрата содржина за да ги опслужи потребите на нашите клиенти. Напорно работиме за да обезбедиме каталог со најквалитетната содржина што ќе ги исполни барањата што публиката им ги наметнува на нашите клиенти.

  1. Како генерален менаџер и потпретседател за Централна и Источна Европа, кажете ни кои се разликите помеѓу публиките од регионот на Централна и Источна Европа и, да речеме, Западна Европа?

Мислам дека би било премногу едноставно да се групираат Централна и Источна Европа заедно како една целина, а што, според мое мислење, не ја отсликува реалноста за регионот кој има толку многу разлики и нијанси. Желбите на публиката на Балканот се сосема различни од тие во балтичките земји, кои пак се сосема различни од желбите на публиката во Република Чешка. Од клучно значење е да ги разбереме посебноста и потребите на секој пазар поединечно, а не да претпоставуваме дека содржината што е соодветна за една територија ќе биде соодветна универзално низ целиот регион. Клучната разлика е што Централна и Источна Европа е пазар што постојано еволуира и нема два исти дена во работата во тој регион. Многу е забавно.

  1. Со оглед на тоа што Би-би-си е синоним за квалитет и е ценет низ целиот свет, сигурно е дека не треба многу за да биде препознаена содржината што ја дистрибуирате.

Многу сум горд што работам за компанија каде што содржината на светско ниво е многу ценета. Луѓето знаат дека ќе добијат нешто многу посебно од Би-би-си. Со сѐ поголемата побарувачка на содржини низ регионот, брендот на Би-би-си може на нашите клиенти да им обезбеди потпора, овозможувајќи им да ја сменат својата купувачка навика. Клиентите се сѐ поподготвени да влезат во претпродажба за да ја обезбедат содржината пред конкуренцијата. На пример, пред „Планетата Земја 2“ да стане толкав светски успех, веќе имавме обезбедено финансирање за копродукција, како и неколку големи претпродажби за серијата. Купувачите мора да имаат доверба во продуцентите што стојат зад некоја серија за да влезат во такви обврски.

  1. Која е иднината на телевизијата? Дали мислите дека во следните години ќе има победници и губитници помеѓу гигантите во телевизиската индустрија? Дали содржината навистина е најважната работа во оваа игра за привлекување нови гледачи и задржување на постојните?

Би било невозможно да се предвиди иднината на телевизијата освен да кажеме дека ќе биде неверојатно возбудливо и многу различно од чисто линеарното искуство со кое пораснав јас. Верувам дека победници на пазарот, големите и малите, ќе бидат тие што ги разбираат своите корисници и што можат пред нив да претстават изненадувачки, предизвикувачки и привлечни содржини што ќе им се допаднат. Тука BBC Worldwide носи додадена вредност што им овозможува на клиентите,преку содржина што се истакнува, да ја разликуваат неговата понуда од онаа на конкуренцијата.

  1. Дали мислите дека има доволно простор за нови ТВ-канали на пазарот?

Со оглед на причините наведени погоре, апсолутно гледам простор на пазарот за нови ТВ-канали. Очигледно е дека количината на содржината експлодираше во минативе години. Сепак, со толку многу избор, верувам дека публиката сѐ повеќе ќе се потпира на брендовите од доверба што ги разбираат и ги одразуваат нивните лични потреби за да создадат содржина во која ќе уживаат.

  1. Како ја наоѓате рамнотежата помеѓу квалитетната содржина и онаа што создава профит? Дали сѐ се врти околу профитот во светот на телевизијата денес?

BBC Worldwide е главната комерцијална рака и е подружница во целосна сопственост на Би-би-си.Како таква, мојата улога е да помогнам за раст на приходите, за да може профитите да се вратат назад во Би-би-си и да бидат реинвестирани за создавање на следната ексклузивна содржина. Тоа е убава задача што носи огромно задоволство во работата за Би-би-си. Овој процес помага да се подобри нашиот каталог за да можеме да продолжиме со испорачување на одлична програма за нашите клиенти и публиката, за да може тие да продолжат да се враќаат по уште.

  1. Ќе зборувате на панел-дискусијата на New Europe Market. Кои се Вашите очекувања од конференцијата и зошто мислите дека ги привлекува најважните луѓе од телевизиската индустрија?

Навистина сум возбуден што ќе се придружам на еден од панелите на New Europe Market. Со оглед на постојано променливата природа на пазарот во Централна и во Источна Европа, конференциите како NEM се од клучно значење за да може целосно да ги разберете потребите на регионот во моментов, а и во идниот развој.Одвај чекам да слушнам што имаат да кажат другите експерти, како и да запознаам што повеќе квалитетни луѓе од индустријата во регионот. Исто така ми е мило и што настанот се одвива во прекрасниот Дубровник.