Шампионската приказна „Донирај компјутер“ на Борче Стаменов

Самохрана мајка на три деца го инспирирала Борче Стаменов од Кавадарци да ја започне акцијата „Донирај компјутер“. Борче веќе четири години поправа стари компјутери и потоа ги донира на млади и семејства кои не можат да си купат нов.

По 150 донирани компјутери, Борче е веќе шампион во оваа дисциплина. Со најголем мерак го поканивме да ни гостува во Еден на Еден и на Жаре му раскажа дека во денот може да поправи и до 20. „Сега веќе ми е рутина, се случува и за еден час да средам еден компјутер“, изјави Борче. Приказната за него брзо се рашири преку неговата Фејсбук страница „Донирај компјутер“ https://www.facebook.com/donirajkompjuter/ , на Твитер и од човек на човек. Вели дека во неговото родно Кавадарци луѓето го препознаваат на улица, му честитаат, но неговата цел не е тој да стане познат, туку да се шири приказната за „Донирај компјутер“ во која се вклучи и нашата екипа. Само напред Борче, сигурни сме дека нашите стари компјутери ќе отидат во вистински раце. Погледнете го линкот од целото гостување на Стаменов во Еден на Еден.