Жаре – Што Џордан ќе те научи за животот и за тоа зошто немаш дечко или девојка?

Станувам сабајле, мијам заби, лице, раце, се тоа… 9ти септември, уживам на гоцева тераса, сонце излегло после подолго време. Најубавата девојка од послугата стига со кроасанот и трите денешни весници. Носи чај и кафе. За да одберам што повеќе сакам, другото ќе го испие таа. Се наведнува накај мене, тргнува нешто да ми шепне…

“Не лажи бе, Жаре…”

Врска нема… Станав сабајле и се фатив веднаш за телефонот. Во нашава мала и весела дружина која се вика Еден на Еден ДОО имаме една работа која може да се покаже доста ОК во иднина. За да тргне возот, се што треба е да се чујам со еден фин господин и да договориме пар работи. Натаму, вагоните ќе почнат да тркалаат и ќе можеме да си ги договараме сите натамошни активности кои сега се закрчени и стојат во место затоа што се додека не се слушнам со господинов комотно можам да одам и да рибарам! А ако не ми крене уште неколку пати, тоа и ќе го направам…

Но, јас сум крајно прагматичен тип. Точно е дека неколку пати вртам напразно и никој не вика “ало” од другата страна. А бе, и “аљо” ако сака нека каже, само да крене. Точно е да, но си викам, да не брзам со некакви заклучоци. Секој има некаков ден. Може да ти е баш “денот”, а може и воопшто да не ти е “денот”. Тоа е се супер ама поентата ми е дека не е тоа дејство на некоја натприродна сила и некаква среќа, туку сето тоа е само варијанта на просекот! Ако сето ова го ставам во спортски т.е. кошаркарски термини, секој ден се што правиме е само привремено кревање или спуштање на нашата целосна игра, т.е. нашиот целосен просек. Ако кошаркарот погоди седум тројки по ред, всушност се случува нешто натприродно? Не!

Да речеме дека некој шутира со 50% успешност. Не мора да е шутирање тројки, што сакаш нека е. Ако нештото го правиш со 50% шанси, тоа ти е буквално како фрлање паричка. Точно е дека може да се погоди три, четири, пет, па ако доволно многу пати ја фрлаш паричката и десет пати по ред да падне петка или глава, но тоа не значи ништо, целосните просечни шанси се 50%!

Многу е важно да сме свесни дека среќата не е среќа туку само статистичка можност. Сите се палат кога ѕвездата во тимот ќе погоди 4 шута по ред. Ама ајде да ја видиме пошироката слика. 5тиот шут го промашува, 6иот погодува, 7иот и 8иот греши, 9иот пак погодува и 10иот го греши. Сето тоа што ние го сметаме за среќа, среќна серија, “oooh I’m on fire” kind of shit е само наша грешка што не сме зеле доволно голем примерок за да направиме проценка. Токму затоа не треба да ни се дига носот на секоја среќна серија и не треба да си ја тупиме главата околу секоја баксузна, т.е. лоша серија која ни се случува во животот. Можеби некој ќе рече дека текот на овие настани не е во наша контрола. Дека не одлучуваме ние кога ќе не спукаат малери или невидени среќни околности една по друга. Нека е така. Ама ние контролираме една крајно важна работа. Колку пати се обидуваме.

Најважно од се е тоа колку пати се трудиме за нешто, колку пати пробуваме да направиме нешто, колку пати шутираме, колку пати нудиме некаква соработка некому, колку пати каниме девојка на состанок или што ти ја знам… Мора да ризикуваме да загубиме за да можеме да добиеме. Што би рекол Мајкл Џордан во една легендарна тв реклама, “Грешев, одново грешев и одново грешев многупати во животот. И токму затоа – успеав!”

Пак му се јавив на господинот од погорните редови на текстов. Крена. Ја договоривме работата. Сега? Тркала вагонот. 🙂

Затоа, не дреми. Ако за нешто ти е мака, пробај и ти и обиди се повторно. Дај нова шанса. Ако не пробаш нема да знаеш. Може баш сега си на ред за да ти почне некаква среќна серија. Веројатно не ти е план да си ја преспиеш шансата?

Жарко Димитриоски