Жаре – Што ќе правам утре?

Да бидеме реални, не живееме некоја голема сигурност. Впрочем, живееме огромна несигурност. Ако тато ти има бензинска пумпа или прекар му е шверц, а не е заради возење гага во автобус – блазе си ти, среќно копиле. Иди негде на ручек, па вечер ќе се изгушкаме во град и иако ќе ти речам “обавезно, барај кога сакаш” на твоето “мора кафе да праиме утре-задутре”, не нема да “праиме”. И не, нема да ти кажам да си забришеш носот од тоа прашокот зошто изгледаш ко без раце да си јадел крофна. Седи си така. ‘бате дебилот.

Текстов е за сите вие кои се прашувате што ќе правите утре. Јас бев како вас, јас СУМ како вас. Ама сакам да ви пишам дека таа несигурност е всушност екстра позитивна работа. Ние имаме многу голема предност во однос на г-дин Кретеновиќ од погоре и неверојатно поголема шанса да живееме поквалитетен живот. За личен и сами си знаете, но сакам да ви кажам дека истото важи и за професионален. Еве за што зборувам…

Не знаат многумина дека тоа што го водам Еден на Еден не е моја примарна обврска. Има полно што треба да смислам и завршам пред да почнам да се замарам со ток шоуто. Посебно кога сме на летна пауза како сега и до септември сме слободни од тие обврски. Под “ние” мислам на сите кои сме дел од агенцијата и продукција “Еден на Еден”. Супер креативен и жив тим кој верувам ќе направи многу во иднина. Сигурен сум! Но, иако сега заедно со сите нив сум зафатен со креирање рекламни кампањи за клиенти, смислување принт решенија, БТЛ презентации и комплетни маркетинг стратегии воопшто, тоа не значи дека не се прашувам што ќе правам утре. Сепак, не сум г-дин Кретеновиќ. Утре може да ми донесе многу несигурности. Но што со нив? Ако се изолираме од сите “несигурности” ќе живееме “сигурен” живот. Тоа значи живот без нешто да створиме од нула, да напишеме книга, да доживееме било каква авантура, да се соочиме со непознатото и нешто да научиме од тоа, да направиме нешто по што ќе не паметат, да оставиме општествен белег, да основаме семејство или стапиме во брак на крај на краиштата. Сето тоа и многу повеќе се “несигурни” работи. Но, иднината е таква и не е воопшто проблем ако не ја разбираме. Заеби ги сите филозофии, НИКОЈ не знае што ќе се случи утре. Далај Лама на кило халуциногени нема да знае дали Атлетико или Реал ќе тепа, не па нешто посуштинско. Иако, со толку срања во себе веројатно нема ни до фудбал да му е на Ламата…

Ја сакаш најдобрата филозофија? Биди подготвен на се. Ама подготви се, побогу! Доживеј ги лично подемите и падовите. Нема ништо поубаво од тоа во сопствен бизнис да ги увидиш сите аспекти на човековата природа. Од гордоста на успехот до стравот и разочарувањето кој го носи неуспехот. Но, проблемот е друг. Проблемот е што нашево општество гледа на неуспехот како на трагедија за разлика од според мене здравиот однос кој вели дека секој неуспех е САМО еден начин како да НЕ се успее. On to the next, продолжуваме понатаму. Тоа е тоа што не прави луѓе. Спореди го службеникот кој зема просечна плата и претприемачот кој работи ден за ден заедно со вртоглавиот успех и катастрофалниот неуспех како неминовни опции. Кој се чувствува повеќе како човек, а кој како безразумна машина која штанца корпоративно одредени задачи без притоа да внесе грам инпут, креатива, сугестија, не дај боже критика во процесот. До каде може потенцијално да стигне едниот, до каде другиот?

И заеби се, учи! Образувај се! Те влече маркетингот – купувај ги најквалитетните книги на темата, гледај ги најновите документарци, слушај ги највлијателните луѓе и нивните предавања. Не само маркетинг, што и да е. Сакаш да си порно актер – студирај го Роко Зифреди, гледај ги најдобрите во акција, барај книги и видеа на темата. Дознај како да станеш мангупот што може три да издржи одеднаш и направи го тоа без мака! Ама учи… И не глупавоно генерично школско образование, туку она вистинското, “кастомизирано”. Во основно мразев физика. Ама само затоа што ме замараа со кретенски закони, глупи дедини примери, безвезни неинвентивни факти и ниедна интересна паралела со реалноста. Тек кога дознав како гравитацијата влијае на планетите и се живо и диво во космосот, како Ајнштајн ја направил теоријата за релативитет и како истата не носи чекор поблиску до патување низ времето, тек тогаш сериозно се заинтересирав. Тек тогаш се прашав – добро бе, која беше идиотскана наука на која не учеа во школо, зошто оваа фасцинантна материја има исто име и е гугл пати поинтерсна (googol патем, е следниов број – 1 со сто нули после него)…

Да одиграме една игра… Постојат двајца другари, цел живот вежбаат како да кажат исти две-три шеги. Но, едниов работи на себе и своето знаење и искуство, а другиов дреме по цели денови и е фан на Силви Бенд. Во некој период на двајцата им се укажува шанса да се запознаат со газдата на фирмата во која им е животен сон да работат. Ги кажуваат шегите перфектно, газдата дента добил извонреден орален секс од сопругата и решава да ги вработи на лице место. Приказни како напишани на индиго, со тоа што сличностите завршуваат овде. Немимовно, оној со искуството и знаењето ќе оди далеку понапред од другиот. Можеби не е сигурно дека шансата ќе ти дојде, но кога ќе ти дојде САМО твојата подготвеност на неа ќе го даде резултатот.

Затоа, работи на себе. Чекај ја шансата, но не во затворени четири ѕида каде што и да сака нема да те најде. Прифати ја несигурноста на утре. Гушни ја ако треба. Освен ако не си г-дин Кретеновиќ. Во тој случај, кој те ебе!

Само напред!

Жарко Димитриоски