Зоран Кесиќ за прв пат во Македонија, во Еден на еден

Оваа недела, имаме нешто специјално за вас. Ни гостува Зоран Кесиќ од Србија.

За тие што не знаат, ако има такви, Зоран Кесиќ е еден од најпопуларните, ако не и најпопуларниот ТВ водител во целиот регион. Неговата емисија „24 Минути“ е една од ретките политички сатири што можете да ги видите на телевизија, кои се занимаваат со дневните настани во регионот. Неслучајно, властите во Србија го сметаат за државен непријател број 1.

Ако сте фан на Џон Оливер, Џон Стујарт и нивните комични емисии кои се исмеваат со дневно-политички теми, тогаш Зоран Кесиќ ќе ви биде уште поинтересен, затоа што темите за кои зборува ни се блиски, тукашни. А, како што може Балканот да даде теми за исмевање, Америка и останатиот дел од светот можат само да сонуваат.

Можеме да ви гарантираме дека ви претстои одлична едночасовна забава оваа недела. Со Кесиќ ги коментираме односите меѓу Македонија и Србија, односите со Бугарија и Грција, му смислуваме нови кариери на претседателот Вучиќ, го имитираме единствениот Додик и секако, зборуваме за фамозните вакцини, подарок од Вучиќ, лично.

Како и секоја недела, местото е Канал 5, времето е 18:30 часот. Еден на еден со Зоран Кесиќ. Се гледаме таму!