Ален Исламовиќ ја раскажа животната приказна во Еден на Еден

На Ален Исламовиќ не му било лесно да влезе во „Бијело Дугме“ како трет пејач, по легендарниот Жељко Бебек и Младен Воичиќ- Тифа, иако веќе бил познат како фронтмен на бендот „Дивље јагоде“.

Во новата епизода на Еден на Еден, Ален Исламовиќ на Жаре му ракажува сѐ за неговиот рокенрол пат. „Не ми беше едноставно да го заменам вториот пејач“, вели Ален мислејќи на Тифа. Во текот на целиот разговор со Жаре, Ален го ословува Тифа како претходниот пејач и вториот пејач, не споменувајќи му го името. Несогласувањата меѓу двајцата пејачи на бендот не се тајна, иако професионално настапуваат заедно со Горан Бреговиќ и песните на „Бијело Дугме“. Во недела, во 18.30 на Канал 5, Ален ќе раскаже и за бизнисот на кој е многу горд, за плантажите со лешници, за бракот со сопругата Маријана, за децата и за внуците, и ќе открие со кој нов бизнис се занимава.

Спонтан, пријателски расположен и исклучително професионален, рокерот ќе ги почести гледачите и со два големи хита, акустично, со неговата гитара. Во недела, првиот специјал на Еден на Еден во 2020 со босанскиот рокер и неговата животна приказна е нешто што вреди да се погледне.