Koнтејнерите проговорија: Ние јадеме подобро од 60% од децата во земјава

 

Доколку контејнерите беа живи суштества, многу веројатно дека изразот на нивните лица ќе демонстрираше подеднаква тага и жал заради количината храна која, секојдневно завршува во нив, наместо да биде ‘спасена’ и подарена на било кое од 60.% од нашите деца, кои секое утро се будат со празно стомаче.

„Јас јадам подобро од 60% од децата во земјата“ е пораката со која, од рано изутрина, триесетина контејнери лоцирани во три населени места во Скопје ги пречекаа и испратија скопјани. Оваа герила акција е изработена од нашата маркетинг агенција Еден на Еден.

– Не хранете ги контејнерите и депониите. Тие немаат потреба од нашата храна, порачуваат од Банка за храна МК.

Контејнерите облепени со стикери со тажни физиономии и порака испишана на македонски, англиски и албански јазик се дел од герила кампањата на „ВСС ефект“ проектот финансиран од Европска унија и спроведуван од Банка за храна МК и партнерите: Организација на жени од Струмица, СИБАХЕ-Словенска Банка за храна и Европска федерација на Банки за храна (ФЕБА).

Протестирачките контејнери треба да ја разбудат нашата свест и совест бидејќи, од нас зависи дали сиромаштијата ќе продолжи да се крие зад аголот на нашата улица, зад влезната врата на нашата зграда, на станот на нашите соседи, роднини и пријатели, или ние самите ќе бидеме тие кои ќе ја стопираат.

Банката за храна, заедно со својата мрежа од локални партнерски организации веќе осум години работи на подигање на свеста на граѓаните за количината храна која се фрла, како и на поттикнување на култура на донирање на вишоците храна. Преку „ВСС ефект“, организацијата цели да ја мобилизира целокупната јавност – граѓаните, институциите, организациите и бизнисите, заеднички да креираат закон со кој ќе се спречи фрлањето храна.

Приклучете се и на Facebook: WSS Effect – Банка за храна МК, оставете коментар за поддршка под хаштаг: #EveryBiteMatters и #СекојЗалакЗначи.

Каде може да ги пронајдете протестирачките контејнери:

  1. Градски стадион,
  2. Универзална сала и
  3. Улица: „Даме Груев“ спроти заводот за статистика.

„Да не ги храниме депониите, да ги нахраниме децата, луѓето и економиите.“