Маркетинг за деца во пелени!

Децата до три години претставуваат пазар од 20 милијарди долари за маркетинг-агенциите. Поточно речено, толку пари огласувачите трошат да го таргетираат овој демографски сегмент. Тоа се исклучително многу пари, кои се трошат на мали деца. Дали е можно да влијаете на детето уште од толку мала возраст? Има ли логика воопшто да се насочува некој кон таква публика?

Шетајќи со мојот внук низ еден трговски центар пред некое време, сфатив дека бројката воопшто не е случајна. Застанавме пред таблата на која беа логоата на брендовите што се продаваат во трговскиот центар. Голем дел од нив ги погоди без никаков проблем. И покрај неговите четири години, детето покажа исклучително ниво на познавање брендови и за тоа што го работат и продаваат. Потрошените пари за производителите изгледаат доста оправдано. Студиите во САД покажуваат дека децата до четири години познаваат или препознаваат повеќе логоа на различни типови брендови. Тестирајте го и вашето дете, веројатно ќе дојдете до таков заклучок.

Веројатно сте се запрашале зошто светски познати марки од типот на Кока-кола постојано се рекламираат. Ваквите компании имаат производ што проаѓа и на кој на прва гледано не му треба реклама. Всушност, на ваквите гиганти им е потребна реклама затоа што тие постојано мора да регрутираат нови потрошувачи за да успеат да ги задржат постојните профити. А нови потрошувачи се веројатно сите луѓе што се нови и за самата планета.

Фетусот ги дели истите хормони со мајката. Не знаеме дали баш точно, но многу истражувања покажале дека голем дел од навиките што ги имаме во животот ги стекнуваме додека сме во стомакот на нашата мајка. Па така, доколку мајката слушала џез и пушела цигари, шансите да слушаме џез и да бидеме пушачи се доста големи. Направете микроанализа, не дека сите пријатели што се пушачи имале исто такви родители, но веројатно кај поголем дел ќе најдете таков пример. На новородени деца им е пуштана омилената музика на нивните мајки, децата биле многу посмирени кога ја слушале истата музика.

Кога жената е трудна, постојат периоди на силна раздразливост. Очекувано, жените сакаат да шетаат во продавници за деца и за трудници за да се релаксираат. Маркетарите увиделе дека доколку алиштата што се продаваат таму се испрани со омекнувач што има мирис со смирувачко дејство, можеби како пудра што треба да потсети на новородено дете, позитивно влијаат на нив. Паралелно со тоа се пушта релаксирачка и смирувачка музика. Во САД биле истражувани трудници за време на бременоста и по раѓањето на нивните деца. Резултатите биле запрепастувачки: кога со новородените деца родителите влегувале во продавниците што користеле технологии како горенаведената, децата биле многу посмирени од кое било друго место во трговскиот центар.

Работите што ги учиме како мали нѐ следат во текот на целиот живот. Веројатно оттука доаѓа заклучокот дека многу тешко можеме да бидеме подобри од нашите родители. Во основа стартот ни е определен од некој друг, во смисла какви се шансите за добро образование, за квалитетен живот и слично. Оние нешта на кои нѐ учат како мали ни остануваат врежани во текот на целиот живот. Луѓето не се менуваат е заклучок на Хју Лори во улогата на доктор Хаус, сега веќе култниот доктор од истоимената серија. И веројатно е во право, огласувачите само се обидуваат да ги насочат децата онаму каде што нема да успеат нивните родители, а тоа насочување не секогаш е за наше добро.

Речиси 60% од брендовите што ги користиме во текот на животот се стекнати некаде во нашето детство. Тие на еден или на друг начин ни се врежале во нашата свест или потсвест. Нѐ чуди потегот на Жилет, кој дошол до генијална идеја да испраќа сетови за бричење, таканаречени добредојдовте во машкоста на тинејџери што полнат 18 години. Нивните анализи покажале дека тинејџерите остануваат со оној сет со кој ќе го имаат првото бричење.

Можеби првиот збор што ќе го кажат децата нема да биде мама или тато, туку Најк или Мекдоналдс.

Милан Димитриоски