Спасив 43 животи кога бродот тонеше: Филмската приказна на капетан Јанис

Го викаат Јанис Војадзис, и тој беше нашиот капетан на бродот, додека во октомври лани едревме по Спорадите. Неговата приказна е филмска, холвудска. Од дете во сиромашно семејство кое со браќата и сестрите делело еден леб, тој станал еден од најдоброте морепловци во цела Грција. Една од најуначките приказни на нашиот Јанис е што на една пловидба спасил 43 членови на екипажот на бродот, кој почнал да тоне и сите мислеле дека им нема спас.  

Роден е во 1944 година во Волос, во сиромашно семејство. Родителите вели, му биле бегалци од Мала Азија, кои во Волос дошле во 1922 година.

„Бевме шест деца во едно сиромашно семејство. Осум лица живеевме во куќа со една соба и една кујна. Татко ми беше работник на пристаништето во Волос, поради што живеевме барем малку подобро од останатите бегалци. Кога се вработи, од пристанишната компанија добивавме по една вреќа брашно и по една канта масло. Од тоа мајка ми правеше по една голема погача леб која ја делевме меѓу нас. Парчињата леб ги полевавме со малку масло, сол и оригано и така јадевме. Немавме ништо друго за јадење. Па така некако, малку пораснав“, ја започна нашиот капетан својата приказна за тешкото детство.

Кога имал само 10 години, тој посакал да му помогне на семејството да излезе од немаштијата, и нашол работа. Јанис имал десет години, а веќе работел три работи. Наутро продавал ѓевреци.

„Станував во четири часот и одев да продавам ѓевреци. Само што ќе ги продадев, земав да продавам по тепсија шамали, едни слатки што ги јадеа бегалците во Волос“, се сеќава Јанис.

Некаде до пладне, ги продавал шамалите, а навечер одел пред Градското кино да продава ф’стаци, сè до полноќ. Од четири наутро утредента, продолжувал со истиот распоред, продавал ѓевреци.

Кога имал 14 години, Јанис заминал до пристаништето и ги гледал работниците кои му доставувале вода на бродот.

„Ги гледав бродовите, а срцето почна да ми зборува дека и јас сакам да станам морнар“, раскажа Јанис за моментот кога за прв пат се вљубил во неговата сегашна професија. Но, една работа му застанала на патот. Бил сè уште мал и не можел да ја добие бродската дозвола.

„Ги гледав морнарите со бради и лулиња, морнарски елеци и си велев во себе, кога ли ќе пораснам?“, раскажа капетанот.

Сонот почнал да му се остварува една година подоцна, кога наполнил 15, и земал дозвола да управува со дрвен чамец. Сепак, постоеле услови кои требал да ги исполни за да стаса до замислената цел. За да управува со брод, на Јанис му требало барем една година искуство со возење на дрвен чамец.

За нашиот капетан, јануари во 1960 година е многу значаен месец, тогаш за прв пат со голем број и со поискусните морнари заминал да плови до Ротердам, а следното патување му било до Венецуела со помал брод од 18.000 тони.

„Носевме керозин за авиони, од Венецуела до Сиднеј од Австралија“, додава Јанис.  Тоа патување не поминало воопшто мазно.

„Само што поминавме низ Панамскиот канал, по едно два дена не зафати голем циклон на океанот. Тој ги носеше брановите директно кон правецот на бродот, што го отежнува управувањето на бродот“. Оваа „авантура“ на тогаш 16 годишниот Јанис траела речиси цела недела. Како што секој нов бран доаѓал накај нив, на него му личело дека ќе ги преклопи.

„Се исплашив, бев се уште мал и си реков: Зарем вака ќе си го вадам лебот“?

Стравот го натерал младиот Јанис да помсили дека оваа работа не е за него, па излегол во Сиднеј на копно и сакал да си замиме дома, во Грција.

„Но, по неколку часа на копно, се исплашив и од него. Не знаев да се разберам, не знаев каде ја јадам, каде да одам, па се вратив повторно на бродот“. Подоцна, се навикнувал на вакви ситуации и посакувал да има бранови, за да биде повозбудливо.  

На 24 години, нашиот Јанис веќе ја имал обиколено и целата земјина топка со брод. И станал еден од подобрите морнари.

Уште еден интересен настан на кој со возбуда се сеќава е пловењето по Еритрејското море. Таму, успеал да ги спаси сите 43 мирнари од трагедија.

„ Бродот удри во еден корален гребен и речиси една третина од него веќе беше потоната во морето. Насукани на гребенот, речиси една недела чекавме да стаса помош. Се удривме во недела наутро, а во петок веќе дојде до нагла промена на времето. Силните бранови го потиснуваа бродот кој се изместуваше од гребенот. Моторите не работеа, па единствено што ни остана е да влезам во внатрешноста исполнета со вода , да допливам до простпријата со синџири и сидра, па рачно да ги ослободам за да пропаднат од спротивната страна од гребенот. Да го напуштиме бродот не можевме, бидејќи околу него веќе пливаа илјадници ајкули. Конечно успеав со сидрата, и откако ги пуштив, речиси петнаесетина метри должина низ гребенот, закачуваќи се врз него, тие некако го фиксираа и го осигураа бродот пред надојдените бранови“, раскажа Јанис.

Следниот ден бил среќен ден за целиот екипаж. Дошле три брода кои ги однеле до копното. Јанис и целата наша бродска авантира со него, ќе ги гледате во последната емисија од Сезона 11, Еден на Еден, Едрење- специјал, во недела од 18.30 на Канал 5.