Турска серија или шолја чај?

Хипотетичка ситуација… Седиш дома, ти доаѓа кучето и ти вика – ај види што има на тв. (рековме хипотетичка) И не ви е потребен лабрадор за да го знаете одговорот – турски серии има! Цел ден, секој ден. Да расчистиме пар работи…
Турските серии одат отприлика 2 денари за кило. Домаќинките се нивниот таргет, а тие пак ги голтаат како антидепресиви поради тоа што мажот отишол на работен викенд во Ниш со таа Цеце новата од работа… И не дека се турски. Прво беа венецуелски, па бразилски па мексикански. Па едно време станавме далматинци и научивме бок, залеѓај, аутобан… Е дури тогаш дојде невестата од “Бинјапи Холдинг” и зезна работа. Таа де, Шехерезадата… А ако за една работа се добри турскиве, тоа е за пишување комедија. Еве што има таму –

Ништо страшно ако ја земеш за жена сопругата на твојот починат брат. Ова не е во една серија. Во многу е! Ти умираш – брат ти ја зема жена ти.

Ако на пример сте жена, па ве силува некој, многу е кул да се вљубите во силувачот. Сепак се работи за емотивна врска од неколку десетици епизоди.

Да не зборувам дека нема серија без минимум едно киднапирање. Добро бе турци, кој ви е процентот на киднапирани по глава на жител?

Знам дека некој од вас ќе рече „смени канал ако не ти се гледа“. Ама навистина не знам на кој канал да сменам? По цел ден, на речиси сите канали оди ова. Секој сам си одлучува што ќе гледа дома. Нема што. Но, да знаете…

Иако звучи наивно, ваквите глупости се подеднакво важни колку и сите кампањи за здрава храна и секаква безбедност. А на крајот на краиштата на турските серии не можете да добиете потпишани шолји за чај од гостите како кај нас што можете! Мераба…